Виртуозот на пијано, Симон Трпчески, веќе 20 години има успешна светска кариера. Момчето кое на пет години почнало да свири храмоника, денес го носи ептиетот маестро. На првиот концерт свирел пред 50 илјади луѓе во Соко Бања, а принцот Чарлс му даде награда во Лондон. Симон денес настапува пред полни сали, со најдобрите светски диригенти и оркестри. На концертите често свири и македонски ора и стари народни песни, а повеќето се и на албумот „Македонисимо“ кој треба излезе до крајот на месецот.
„Последниот концерт го имав среде пандемијата во март, во преполна сала во Билбао. Шпанците во тие моменти како да не беа свесни за короната, уште се живееше безгрижно. По концертот, за ден два се откажа сè и светот како да запре“, ни рече Симон, кој наскоро ќе почне пак да настапува.
Заради концертите постојано патува и често не е дома со недели, но поради короната, сега конечно имал доволно време да му се посвети на семејството. Со сопругата Даниела е во брак 12 години, а се запознале во средно школо. Денес имаат три деца, ќерката Лара и близнаците Андреј и Стефан.
„Даниела ме привлече со убавината, оти фала Богу, поубава е од мене, ама и со праведноста. Таа е психолог по професија и секој ден ме анализира“, се шегува пијанистот.
Ни раскажа за заедничките патувања и за тоа како во четири дена сменил три континенти само за да си ги види децата. Симон има брат и сестра, па ни се пожали дека кога бил бебе го тркалале низ станот како да е пинг-понг топче. Кој е Симон приватно, дали е строг татко, како почнала љубовата со Даниела, за излегувањата и средношколските денови, зошто ќерка му се налутила, што му кажал принцот Чарлс пред 20 години… Гледајте го интервјуто.
Андријана Јовановска