Британскиот принц Хари, пред да ја запознае сопругата Меган Маркл, неколку години беше во врска со манекенката и актерка Кресида Бонас. Тие почнаа да се гледаат во 2011 година, а се разделија по три години. Според медиумите љубовта на принцот и манекенка завршила оти таа не можела да се справи со притисокот на јавноста.
Кресида (31) со години не зборуваше за Хари во медиумите. Таа неодамна првпат во интервју за „Дејли телеграф“ раскажа детали за врската.
„Секогаш се плашев дека ќе направам грешка, дека тие ќе ме отфрлат, дека не сум направила нешто добро, дека нема да бидам совршена… Мислам дека сето тоа ме кочеше во одредени делови од животот. Постојано бев во страв, паника, исплашена за сè и не можев да се опуштам. Токму заради стравот што го чувствував одлучив да ја прекинам врската“, рекла Кресида.
Таа признала и дека нејзиниот живот целосно се променил по таа врска.
„Мислам дека потоа зајакнав како личност и самата на себеси ги објаснив работите во главата за тоа како и што сакам во животот. Исто така, таа врска ме поттикна и повеќе да работам на себе и на остварувањето на целите, како и да ги поместувам сопствените граници бидејќи не сакам да сум под ничија контрола на било кој начин“, додала таа.
Кресида пред една година се вери со Хари Вентфорд Стенли, со кого се гледаше пред да ја почне врската со принцот Хари. Двојката требаше да се венча годинава, но ја одложија свадбата.