Почнува Моден викенд – Скопје, и тоа три дена во знакот на шоурумот „Свесна мода“, од 1 до 3 октомври. FWSK и ONLYAFEW најавуваат реномирани дизајнери, како и нови иновативни таленти од нашата земја и странство. Поканата е отворена за сите љубители на убавиот и квалитетен дизајн, кои ќе имаат уникатна можност да се запознаат со нив, да ги погледнат изложeните креации во живо, како и на лице место да си одберат единствени парчиња по најповолни цени.
Моден викенд – Скопје оваа сезона е конципиран како тридневен попап-настан со продажен шоурум, арт инсталации, студентски изложби, едукативни предавања и богата музичка програма. Влезот е слободен од 10 до 22 часот в петок (02.10) и в сабота (03.10).
Списокот учесници на CONSCIOUS FASHION POP UP SHOWROOM го сочинуваат низа еминентни и перспективни дизајнери и брендови од земјата и странство, како Irina Tosheva, Evgenija Zafirovska, Terziya, Stefanija Naseska, Para Todos, MinnimalMK, Kotev Ksenija, Seddum, Tessuti Art by Ana Jakim, Meleem, Senka, Lipa, Saksija Urban Pots, Siidess Furniture…Експонатите ќе може да се купат со големи попусти на принципот ‘See now-Buy now’.
„Заедно со нашите партнери направивме внимателна селекција на современи дизајнери и брендови кои вреди да ги види широката публика. Главна цел како организациски тим ни е да им пружиме максимална поддршка на креативните дејци во моментот, фокусирајќи се на врвните имиња, но и на новите таленти кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата. Тие се модните херои на денешницата, бидејќи позитивно влијаат на свеста на заедницата“, вели Милан Атанасов, координатор за односи со јавност на FWSK.
Моден викенд – Скопје ја продолжува плодната соработка со школата за уметност и дизајн Djolev and the Arts, чиишто студенти низ изложба на своите изработки ќе ви докажат дека на македонската мода и дизајн им се насмевнува светла иднина. Во однос на eдукацијата за целосната одржливост како начин на живот, којшто може да има длабок импакт на иднината на планетата и човештвото генерално, со професионални излагања на темата ќе се вклучат во панел-дискусија претставниците на Fashion Revolution.
Кон мисијата да се промовира најдоброто од одржливиот дизајн во Скопје, како коорганизатор за реализација на проектот „Свесна мода“ се придружи берлинската консалтинг-агенција ONLYАFEW, предводена од тандемот Дороти Сара Спехар и Кристина Илиевска, кои по пробивот на скандинавската сцена во Копенхаген, како нареден предизвик за проширување на нивната заедница ја препознаа нашата метропола.