Анксиозноста е симптом, сигнал, аларм кој говори дека личноста повеќе не е во состојба да се потиснува, воздржува, трпи и контролира некои чувства кои дотогаш ги потиснувала. Чувствата кои личноста настојува да ги контролира, односно воздржува можат да бидат: страв, тага, беспомошност и сл. Исто така, чувствата кои личноста настојува да ги потиснува се засновани на различни трауми кои таа ги имала во текот на личноста.
Во основа, еден симптом може да се заснова на неколку различни искуства. На пример, доколку личноста има страв од отворен простор, тоа е симптом во чија основа е стравот од губење или нарушување на персоналната емоционална граница. Кога границата е нарушена, личноста чувствува страв или паника. Во основа, овие видови на страв може да се засноваат и на низа трауми од малтретирање (емоционално, сексуално или физичко), односно ситуација во кои навистина била грубо нарушена емоционалната граница на таа личност, каде се чувствувала загрозено, несигурно и беспомошно, без можност да се одбрани. Телото (мозокот) ги памти таквите ситуации и подоцна реагира на сите ситуации кои потсетуваат на можноста личноста повторно да биде беспомошна и незаштитена. Тогаш се активира анксиозноста како аларм.
Анксиозноста постои сè додека личноста се потиснува и настојува да ја контролира анксиозноста и останатите чувства. Анксиозноста се јавува затоа што личноста премногу ги потиснувала чувствата кои се последица од трауматски искуства и сега веќе нема капацитет тоа да го продолжува. Тоа е како секој пат наместо да го фрлите ѓубрето, вие да го криете под тепих сè до моментот кога под него нема да има повеќе место и непријатниот мирис ќе почне да се шири околу вас.