Славната британска манекенка, Стела Тенант, почина ненадејно на 50 години, објави нејзиното семејство. Таа беше дел од првата генерација топ модели, во времето кога најпопуларни манекенки во светот беа Наоми Кемпбел, Синди Крафорд, Линда Еванџелиста, Клаудија Шифер и Кристи Тарлингтон. Таа беше муза на неколку дизајнери, вклучувајќи ги и модните куќи Версаче и Шанел.
“Со неизмерна тага објавуваме дека Стела ненадејно почина на 22 декември, на 50 години. Стела беше прекрасна личност и голема инспирација на сите нас и многу ќе ни недостасува”, стои во соопштението од нејзиното семејство.
Стела беше внука на Ендру Кевендиш, војвода од Девоншир. Таа студирала вајарство на Уметничката школа Винчестер, а се сликаше и за насловните страници на многу светски познати магазини, меѓу кои и на Вог. Соработуваше и со познатиот моден дизајнер Карл Лагерфелд, а за неа Акександар Меквин изјави дека го инспирирала да создаде цела колекција.
Тенант во август годинава објави дека се разведува од сопругот Дејвид Ласнет по 21 година брак. Го запозна кога беше на врвот на популарноста, а по гламурозната свадба се преселија на огромниот имот на нејзините родители во Шкотска. Заедно имаат четири деца.