Екстремно ниските температури, студениот ветер и отсуството на сонце во текот на зимските денови предизвикуваат кожата на лицето да стане побледа и да го изгуби свежиот младешки сјај. Покрај тоа, кожата ја губи влажноста и поради константното преминување од студено во затоплени простории, па почнува да се суши, а во некои случаи и да се лупи
Негата на кожата во зима е задолжителна и во ниту еден момент не треба да биде занемарена. Освен редовната употреба на хидратантен крем, препорачливо е најмалку еднаш неделно да си направите природна маска за лице. Еве неколку рецепти за нежна нега на кожата, без користење хемикалии.
СУВА КОЖА: Маска од авокадо, морков и маслиново масло
Сувата кожа е најзасегната од зимскиот студ. За да го освежите, омекнете и разнежните вашето лице, направете си маска од најпрепорачливата состојка за нега на сува кожа – авокадото.
- ½ авокадо
- 1 голем морков
- 1 мала лажичка маслиново масло
Сварете го морковот и испасирајте го. Издлабете го авокадото, помешајте го со морковот, додајте една лажичка маслиново масло и добро промешајте ја смесата.
Нанесете ја маската на чисто лице и оставете ја да стои 15 минути. Измијте со млака вода.
МРСНА КОЖА: Маска од тиква, лимон, мед и јајце
Мрсната кожа е голем предизвик во кое било годишно време не само во зима. Еден од најдобрите домашни третмани за мрсна кожа е маската со тиква. Тиквата е богата со цинк, кој ја контролира маснотијата на кожата и помага во намалувањето на видливоста на дамките од акни. Тиквата овозможува и нежна ексфолијација на кожата, без да се користат абразивни честички.
- 2 големи лажици ситно рендана тиква
- 1 мала лажичка сок од лимон
- 1 белка од јајце
- 1 голема лажица мед
Во мал сад измешајте ги состојките и промешајте добро со виљушка или миксер. На чиста кожа нанесете тенок слој од смесата избегнувајќи ја областа околу очите. Оставете ја маската да дејствува 15-20 минути.
НОРМАЛНА КОЖА: Маска од лимон и јогурт
Исчистете ги порите на лицето на природен начин со помош на мешавина од сок од лимон и јогурт. Невообичаената смеса ќе ви помогне да добиете почиста и посвежа кожа на лицето.
- 1 мала лажичка сок од лимон
- 2 мали лажички јогурт
Кога ќе ги измешате јогуртот и сокот од лимон, нанесете ги на кожата со кружни движења. Нежната масажа ќе ви помогне и да ја подобрите циркулацијата и да добиете здрав блесок. Оставете ја маската на лицето 10-ина минути.
КОМБИНИРАНА КОЖА: Маска од мед и сок од портокал
Комбинираната кожа е проблематична бидејќи секој дел од лицето треба да се негува на посебен начин. Ако користите средства што премногу ја сушат кожата, оние делови од лицето каде што кожата е посува во текот на зимата, може да се зацрвенуваат и да се лупат. Маската со портокал и мед ќе ви помогне да ја омекнете и затегнете кожата на лицето, без да ги иритирате сувите делови.
- 1 голема лажица мед
- 1 голема лажица сок од портокал
Затоплете го малку медот за полесно да го измешате со сокот од портокал, а потоа нанесете тенок слој на лицето. Оставете ја маската десетина минути. Измијте со млака вода.
СИТЕ ТИПОВИ КОЖА: Маска од јаболко, морков и маслиново масло
Доколку сакате нежен третман за вашата кожа, направете богата мешавина од јаболко, морков и маслиново масло.
- 2 големи лажици ситно рендано јаболко
- 2 големи лажици ситно рендан морков
- 1 мала лажица маслиново масло
Затоплете го маслиновото масло, но внимавајте да не биде жешко. Додајте ги морковот и јаболкото и измешајте. Нанесете ја маската на чиста кожа и оставете ја да дејствува дваесетина минути. Измијте со топла вода.