Од корона почина легендарната спортска коментаторка Милка Бабовиќ

Легендарна хрватска спортска новинарка и југословенска атлетичарка, Милка Бабовиќ, почина од корона, на 93 години. Таа пред два и пол месеца беше пренесена во болница во Загреб поради здравствени тегоби.

Бабовиќ е родена во Скопје, а почина во Загреб каде што живееше од 1948 година. Во својата атлетска кариера, двапати беше светски студентски и балкански првак на 80 метри со пречки, а рекордни 17 пати ја освојуваше титулата државен првак во поранешна Југославија.

Во 1957 година започна долга и успешна кариера во спортското новинарство како коментатор на Радио телевизија Загреб. Таа беше заштитен знак на телевизиските преноси од уметничко лизгање во поранешна СФРЈ, поради нејзиниот специфичен начин на коментирање.

За време на Олимписките игри во Лејк Пласид во 1980, работеше како инструктор на ЕБУ (Евровизија) за помош на организација на олимписките преноси. За потребите на Олимписките игри во Сиднеј 2000 учествуваше во изработката на протоколот за следење модерен петобој, а за Олимпијадата во Солт Лејк Сити во 2002 и за протоколот за следење лизгање.

Scroll to Top