Актерот Берт Рејнолдс, конечно, погребан две години по смртта

Легендарниот американски актер Берт Рејнолдс, конечно, е погребан на гробиштата во Холивуд, повеќе од две години по неговата смрт, пренесоа американските медиуми. Рејнолдс почина на 82 години, на 6 септември 2018 година, откако претходно долго време имаше големи здравствени проблеми.

Актерот бил погребан на приватна церемонија, а членовите на семејството наводно го следеле погребот преку „Зум“.

Рејнолдс беше кремиран. Сега гробот привремено е обележан со едноставна надгробна плоча на која е испишано неговото име, а подоцна тука ќе се постави биста. Според „Асошиетед прес“, тоа ќе се оствари во септември на тригодишнината од смртта на актерот.

„Вујко ми не беше само филмска икона, тој беше дарежлив, страстен и чувствителен човек, кој беше посветен на своето семејство, пријателите, обожавателите и на студентите по глума. Вујко ми со нетрпение очекуваше да работи со Квентин Тарантино на филмот ‘Беше еднаш во Холивуд’ и со неверојатната екипа што беше собрана“, изјави по неговата смрт внуката на Рејнолдс, Ненси Ли Хес.

Рејнолдс почина неколку недели пред почетокот на снимањето на филмот, во кој главните улоги ги играа Бред Пит и Леонардо ди Каприо, а кој беше номиниран за неколку „Оскари“ во 2020 година.

Scroll to Top