Директорката на Клиниката за детски болести, проф. д-р Аспазија Софијанова, вторпат стана баба. Нејзината помала ќерка Анастасија на 8 март роди машко бебе, кое ќе се вика Лука. Среќна и полна со емоции по раѓањето на бебето, доктор Цули вели дека ќерката ѝ го дала најубавиот празничен подарок.
„Најдобриот подарок за Меѓународниот ден на жената ми е мојот штотуку роден внук Лука. Анастасија и Жарко, ви благодарам“, напиша таа.
Ова ѝ е второ дете на Анастасија. Таа го има и синот Михаил, кој неодамна наполни една година. Тогаш во интервју за „Репортер“ доктор Софијанова зборуваше за тоа како е да биде баба или, како што вели самата, нанкица на Михаил.
„Со него времето летна. Гледам како се развиваше и како сè уште се развива во едно прекрасно момче. Со него секој ден ми е поинаков. Тој ме прави среќна. Има денови кога не сум расположена и ќе му се јавам, па кога ќе го видам на камера, му велам: ‘нанкица, нанкица’ и имам чувство дека сака да ја земе камерата и да ме гушне преку неа. Па и таа прегратка преку камерата за мене многу значи“, вели доктор Цули.
Таа била во породилната сала кога Анастасија го раѓаше Михаил, но вели дека тогаш била само мајка, а не и доктор, и дека сè им препуштила на колегите.
„Јас можеби важам за жена со силен карактер, па и ме викаат челичната леди, и навистина таква сум, ама за Михаил не важат тие правила. Кога се роди тој, улогата на лекар стана второстепена и сосема поинаква од улогата на човек, мајка, жена или нанкица. Кога се раѓаше внукот, јас во тој момент им препуштив сè на моите колешки. Тогаш ми беше најважно само тој да биде добро“, вели таа и додава: „Ќерка ми беше решена да го роди бебето по природен пат и тоа сега е сè поретко кај нас да се види, едно младо човече кое упорно решило да се роди по природен пат. Моето искуство вели дека мајките по првите породилни болки обично се откажуват и сакаат царски рез. Мојата ќерка не го стори тоа. Беше храбра. Ништо не ѝ реков. Многу солзи ми течеа од очите за да можам да говорам. Тоа беа такви емоции, ни таа ни јас ништо не зборував. Бевме збунети. Само ја гушкав. Бев среќна, бев среќна и горда што сум изгледала две паметни ќерки, од кои од едната имам и наследство за понатаму“, раскажа тогаш доктор Аспазија.