Алипниската и сликарка Илина Арсова на својот фејсбук-профил го сподели своето исксутво со Ковид-19 потенцирајќи дека речиси една и пол година ги почитувала сите препорачани мерки.
„Ме зарази асимптоматски преносител во Охрид, кој дури и кога го доби својот позитивен резултат од ПЦР-тестот, не ми се јави да ми каже, туку јас од друга страна требаше да разберам. За најголема среќа и можеби божја волја, вирусот не му го бев предала никому, што ми олесна“, ја почнува својата приказна.
„Ми препишаа десет дена изолација. Се чувствував добро, не кренав температура, не кашлав многу, не се заморував по скали, сѐ изгледаше добро, освен првите три дена со симптоми на класична настинка (грло, крајници, течење нос и кивање). Една работа што беше многу интензивна беше психолошкото влијание на вирусот преку изразена депресија, несигурност, себеобвинување. Додека седев во изолација и ги слушав работниците што работат на улицата како киваат и кашлаат, знаев дека сигурно кај барем секој втор од нив се работи за Ковид-19, а не за настинка. Но, дали тие луѓе би можеле да си дозволат по 3-4.000 денари за да направат тест и уште едночудо пари за дополнителни испитувања, набавка на витамини и суплементи? Или поедноставно и поевтино, ќе си продолжат со нормалната работа заразувајќи секој ден нови луѓе, од кои, за жал, многумина и не го преживеаја вирусот. Она што ми помогна да ја надминам, навидум благата форма на зараза, беше: многу течности, многу витамини и суплементи и хомеопатски препарати“, продолжува.
Илина вели дека тешкотиите настанале кога решила да ги искачи сите врвови на Кожуф во еден ден, некаде на 18. ден по симптомите. Иако изминало повеќе од еден месец, сепак сè уште ги чувствува компликациите од постковид-синдромот и вели дека тие може да траат со месеци. Воедно, испраќа апел до сите да се чуваат и да не се плашат да споделуваат и да зборуваат за тоа бидејќи само така можеме да си помогнеме.
„Не бидете дел од стадото со мозок колку кикиритка, што мисли дека ако не те дознаат, не било! Тоа е исто како да сте болен од сида и знаејќи го тоа, легнувате со што повеќе партнери, без да ги предупредите дека сте носител на смртоносна болест. Себично, зарем не?“, завршува таа.