Како што процесот на вакцинацијата напредува, така и животот полека се враќа во познатите текови. Така, на среќа на сите љубители на седмата уметност, во Америка повторно се одржуваат разни филмски свечености.
Секако, и понатаму се придржуваат до мерките на претпазливост, што значи дека и самата атмосфера не е толку гламурозна како пред короната.
Неодамна, во склоп на доделувањата на „Оскарите“ имавме можност да видиме ѕвезди на црвениот тепих, што е голем напредок во однос на минатогодишното издание. Нашето денешно внимание е насочено кон едно конкретно остварување, поточно премиерата на филмот „Круела“ со Ема Стоун во главната улога.
Најпосле излезе филмот за Дизниевата јунакиња Круела де Вил. Премиерата беше одржана во Лос Анџелес, а Ема Стоун заблеска во елегантна облека, и тоа само два месеца по породувањето. Станува збор за комбинација што личи на онаа што ја носеше на сетот, односно црно-бела комбинација со примеси на црвена.
Костимот е од ателјето на Луј Витон, чие заштитно лице е токму таа. Во основа е едноставно, но го красат златни детали како на сакото така и на пантолоните. Романтичната бела кошула сјајно ја надополни донекаде машката естетика. Целокупниот впечаток е заокружен со детали во црвена боја, светкава шминка и брановидна коса со разделник на страна.