Американската влада го објави извештајот за НЛО во кој е наведено дека аналитичари од секторот за одбрана и известувачки податоци, не располагаат со доволно податоци за да го утврдат потеклото на мистериозните летечки објекти кои ги виделе воените пилоти.
Во извештајот кој е поднесен до Конгресот и кој е јавно објавен, опфатени се сведоштва за 144 објекти, кои владата официјално ги нарекла неидентификувани воздушни појави, а кои датираат од 2004 година, пренесува „Ројтерс“.
Во извештајот се заклучува дека овие појави ја доведуваат во прашање безбедноста на летањето и за многумина претставуваат предизвик за националната безбедност на САД и дека за овие феномени не може да постои само едно објаснување.
Американските официјални лица кои дале изјави за новинарите, а кои сакале да останат анонимни, изјавиле дека нема јасни назнаки дека овие објекти можат да бидат поврзани со живот некаде во вселената. Нема ни докази дека тие претставуваат некаква напредна технологија на Кина и Русија.
Пентагон формирал Работна група на луѓе задолжени за неидентификуваните воздушни појави со цел да ги истражува непознатите летала. Задачата на групата е да ги открие, анализира и каталогизира ваквите настани, како и да стекне увид во природата и потеклото на НЛО, велат од Пентагон.
Доверливите верзии на извештаите се доставени до американските конгреси на почетокот на овој месец. Неименувани официјални лица, за американските медиуми изјавиле дека во извештаите не се споменуваат никакви докази за вонземјански активности, но и дека таквите објаснувања не се исклучени.
Интересно е да се спомене и тоа дека работната група наводно утврдила дека НЛО-то кое го следеле, не претставува некаква тајна американска воена технологија.
Официјалните лица проучувале преку 120 инциденти во последните две децении, вклучувајќи три снимки од кои Пентагон минатата година ја тргна ознаката за тајност.