Легендарниот холивудски актер Клинт Иствуд (91) објави крај на својата филмска кариера, која трае 62 години. Глумецот, кој се прослави со улогите во каубојски филмови и освои и пет награди „Оскар“, најави дека филмот „Нежниот мачо“, модерен каубојски филм, кој ќе има премиера во септември, е неговиот последен во кариерата.
„Мислам дека она – грациозно да се остари, е многу важен талент. За мене е предоцна“, напиша Иствуд на „Твитер“ и потврди дека се повлекува.
Клинт Иствуд ја почна кариерата во 1959 година, но почетокот не му бил ни малку блескав. Поради договорот со „Јуниверзал“, според кој имал ниски примања, тогаш младиот глумец морал да се занимава и со други работи, па бил пожарникар, продавач и спасител на плажа.
Почнал да глуми во каубојски филмови бидејќи на продуцентите им изгледал како каубој. Публиката и денес ги памети трилогијата „Грст долари“ од 60-тите, филмот „Добар, лош и грд“, но и неговата улога на детектив во „Валканиот Хари“.
За време на неговата кариера, во која одигра над педесет улоги, тој беше еден од најплатените глумци во Холивуд, а беше еднакво успешен и како режисер. Публиката и денес ја смета неговата улога во романтичната драма „Мостовите на областа Медисон“ за една од најдобрите во неговата кариера. Во филмот партнерка му беше Мерил Стрип.
Иствуд е познат и по тоа што беше пребирлив при изборот на улоги и одбиваше големи филмови, како оние за Супермен и Џејмс Бонд.
Најголемиот успех оствари во 2004 година кога доби четири „Оскари“ од седумте номинации за филмот „Девојка од милион долари“. Иствуд во тоа време имаше 74 години и стана настариот човек што освоил „Оскар“ за најдобра режија.
За време на својата кариера тој честопати се обидуваше да се занимава со политика и го поддржуваше Доналд Трамп во неговата трка за претседател на САД. Во 1986 година се кандидира за градоначалник на градот Кармел-Бај-Д-Си во Калифорнија и победи. Негов најголем успех беше што ја укинува забраната за продажба на сладолед во градот, закон што постоел долго време пред тој да стане градоначалник.
Беше оженет двапати – со Меги Џонсон од 1953 до 1984, а потоа во 1996 година се ожени со Дина Иствуд, со која е во брак и денес. Познатиот глумец има седум деца – Кимбер Тунис, Кајли Иствуд, Алисон Иствуд, Скот Иствуд, Кетрин Ривс, Франческа Фишер-Иствуд и Морган Иствуд.
Неговиот последен филм е „Нежниот мачо“ од жанрот неовестерн. Приказна сместена во Тексас во 70-тите години, а Иствуд глуми, го режира и продуцира филмот. Премиерата е закажана за 17 септември оваа година.