Публиката ги исвирка Фрајле на Антички: Kонцертот кој почна со нервоза, заврши со бис на новосадската група

Концертот на Фрајле вчеравечер на Антички во Охрид почна со исвирување од публиката. Новосадската група доцнеше повеќе од еден час. Публиката се налути, а имаше и такви што сакаа да си одат. Но, Наташа, Јелена и Невена веднаш штом излегоа на сцената ѝ се извинија на публиката што стрпливо ги чекаше.

„Вам ви рекоа дека концертот почнува во 9, ние знаевме дека е од 10:30. Стигнавме пред неколку часа, возевме 15 часа од Сараево до тука. Знаете колку многу ги сакаме Охрид и Македонија и ви ветуваме дека нема да му дозволиме на никого да нè скара“, рекоа тие на почетокот.

Откако се извинија за недоразбирањето, ги запеаја своите песни, но и хитовите од најголемите ју ѕвезди. И додека се нижеа „Јовано Јованке“, „Чукно во дрво“, „Во коси да ти спијам“, трите дами не застанаа во место. Играа со публиката, ја креваа атмосферата. Раскажуваа анегдоти, се смееја на глас.

Концертот што почна со исвиркување, на крајот никој не сакаше да заврши. „Фрајле“ скоро два часа ја држеше на нозе публиката на Антички. Ни додржаа ни тие, па се симнаа меѓу фановите, пееја и им аплаудираа на сите што им се налутија на почетокот. А публиката ги испрати со овации, па познатите новосаѓанки неколку пати се вратија на бис.

За крај, ја раскажаа и приказната за Ѓорѓе Балашевиќ, кој почина лани. Го нарекоа нивниот музички татко и ја испеаја „Панонском морнару“, песната што му ја посветија по смртта.

По којзнае кој пат, Фрајле покажаа дека знаат како се прави одлична журка и ветија дека наскоро ќе дојдат во Македонија, оти се заљубени во македонската публика.

Концертот на Фрајле го организираше Прагма продукција.

Scroll to Top