Синот на кралицата Елизабета Втора, прицот Ендру (61), е осомничен за силување откога против него тужба поднесе Американката Вирџинија Робертс Џефри (38), која тврди дека ја силувал кога таа имала само 17 години, пренесуваат британските медиуми.
Во тужбата поднесена до федералниот суд во Њујорк се наведува дека Џефри му била продадена на принцот, кој ја силувал во домот на Џефри Епштајн на Менхетн и на уште една локација додека била малолетна. Таа ја поднесе тужбата две години откако Епштајн беше пронајден мртов во својата затворска ќелија и 10 години по ова злосторство.
Џефри, која сега живее во Австралија со сопругот и трите деца, сведочеше дека против нејзина волја била принудена да има секс со британскиот принц трипати во 2001 година. Таа сега бара надомест од својот наводен насилник за физичката и за менталната болка што ја претрпела.
„Сметам дека принцот Ендру треба да одговара за она што ми го направи. Богатите и моќни луѓе не би требало да бидат поштедени за своите постапки“, вели таа во официјалното соопштение и додаде дека се надева оти и други жртви ќе го следат нејзиниот пример и ќе побараат правда.
Покрај Џефри, уште една од наводните жртви на Епштајн, Јохана Шеберг, тврдеше дека принцот ѝ ги допирал градите додека биле во станот на Епштајн во 2001 година, но таа не поднесе правна тужба против него.