На 96 години се пензионира најстарата медицинска сестра во САД: Ни короната не ја спречи да се грижи за пациентите

Флоренс Ригни (96) од Такома, Вашингтон, е најстарата медицинска сестра во Америка. Таа се пензионираше по повеќе од 70 години работа, а активно работеше со пациентите и покрај возраста и короната. Нејзините колеги од болницата во Вашингтон ја испратија во пензија со мала забава и порака дека ќе ја повикаат ако им треба нејзината помош.

„Не сакам да седам беспотребно. Секогаш треба да имам што да правам. Тоа е во мојата природа. Сакам да комуницирам со пациентите и да им помагам колку што можам“, рече Ригни за медиумите.

Таа вели дека отсекогаш сакала да биде медицинска сестра. Кариерата ја почнала уште додека била студент на Општиот факултет за медицински сестри во Вашингтон. Работела 70 години речиси без престан. Единствените паузи ги имала кога ги родила своите две деца и била на трудничко боледување.

Флоренс вели дека пред триесет години првпат решила да се пензионира. Имала 65 години и сметала дека ѝ е време за одмор. По шест месеци поминати дома, сепак одлучила да се врати на работа.

„Ми требаше работата за да останам активна и да го држам својот ум остар. Но, овој пат е навистина крај. Сега времето што ми останува ќе го поминам со семејството и пријателите“, рекла таа.

Ригни била активна и во последните денови пред пензионирањето. Таа патувала низ целата земја како медицинска сестра, а последното работно патување го имала четири дена пред да се пензионира.

„Има 96 години, ама ние и сега моравме да се трудиме да држиме чекор со неа. Флоренс секогаш беше пред сите“, рекле нејзините помлади колеги.

„Таа се грижеше за илјадници животи сите овие години. Секогаш посветена, внимателна. Ја обожаваа и пациентите и колегите. Флоренс секогаш ќе биде пример за медицинските сестри“, стои во соопштението од болницата за нејзиното пензионирање.

Во чест на Флоренс, болницата го создаде фондот за стипендии SeeSee Rigney Nursing Endowed, кој ќе обезбеди средства за вработените во болницата да продолжат да учат и да се развиваат во областа на сестринството.

Scroll to Top