Џејсон Декар Тејлор, творецот на првиот подводен парк со скулптури во светот, го претстави својот најнов подводен проект, спектакуларна потопена шума, сместена крај брегот на плажата Пернера во Аја Напи на Кипар. Музејот со подводни скулптури го чинел милион евра.
Тој се состои од 93 скулптури кои ги направил Тејлор. Тој и претходно градел вакви скулптури, а меѓу познатите подводни паркови кои ги има направено се наоѓаат во заливот Молинер во Гренада и Националниот морски парк Исла Мухерес во Мексико.
Тејлор има за цел низ поставката, која го истражува односот меѓу човекот и природата, да ги стави во центарот на внимание повторното оживување на нашите природни простори и пошумувањето на области со неплодно живеалиште.
Некои од претставените фигури вклучуваат и огромни стебла со тежина до 13 тони, како и деца кои држат камери додека играат криенка.
„Се обидов да вклучам колку е можно повќе референци на климатските промени, губењето на населението и загадување, затоа што тоа се клучни прашања за нашата ера“, вели Тејлор.
„Некако се надевам дека на посетителот ќе му остане чувство на надеж и дека човечкото влијание не е секогаш негативно. Дека можеме да поништиме некои работи што сме ги направиле”, вели тој.
Секоја од скулптурите која е спуштена со дигалка под површината е направена од материјали кои го привлекуваат морскиот живот и истите се поставени на различни длабочини, така што биодиверзитетот на подрачјето може со време да се збогати со нивно присуство.
„По пет или шест дена, веќе можев да видам тенок слој на алги на секоја од главните скулптури. Тоа беше многу охрабрувачко. Навистина се радувам што ќе се вратам за неколку месеци и ќе видам како се обединува морскиот живот“, вели тој.
Тејлор поминал две до три години работејќи на Мусан, кој требало да биде отворен минатата година, но истиот бил одложен поради глобалната пандемија.
„Почнавме да работиме на проектот на Кипар во март минатата година“, вели Тејлор.
„Имавме многу потешкотии со промената на летовите, организирањето на материјали и преместувањето на сето тоа. Тоа секако беше еден од најпредизвикувачките проекти на кои некогаш сум работел“, додал Тејлор.
Музејот почнува на копно, со влегувањето на плажата Пернера и патеката која води до точката на спуштање со пловечка платформа, која води до потопените скулптури.
Мусан е достапен и за нуркачите, а Тејлор се надева дека ќе привлече повеќе посетители во ова морско заштитено подрачје на Кипар.
„Очигледно е дека многу се разликува од другите места. Тоа не е тропско подрачје, каде што имате корални гребени. Ова е повеќе умерено подрачје, па привлекува различни видови на морски живот. Ова е еден од моите први проекти кои одат од морското дно до морската површина, со пловечки елементи“, објаснил Тејлор.
Една од скулптурите е стратешки поставена така што се гледа на голиот песок по должина на водата на Медитеранот.
„Целта е да се пренесе порака дека мораме масовно да се грижиме за ова заштитено подрачје и дека мораме да разговараме за тоа да ги надгледуваме на многу построг начин“, додал тој.