Полицијата во Боливија ја уапси Селија Кастедо Монастерио, жената која го одобрила планот за летање на авионот на бразилската екипа Чапекоенсе, кој се урна на 28 ноември 2016 година. Во несреќата загина 71 лице, меѓу кои фудбалери, тренери и менаџери на бразилскиот тим.
Според полицијата, уапсената жена била одговорна за анализа и одобрување на планот на летот кој ги пренесувал членовите на екипата. Поради нејзината лоша проценка, се смета дека е директно одговорна за авионската трагедија, пишуваат медиумите.
„Таа беше специјалист за безбедност на летање и во тоа време не ги испочитувала минималните услови при процедурата за одобрување на летот, зашто во претставената програма се пронајдени големи грешки“, соопштија од полицијата.
Обвинетата за трагедијата ќе остане во притвор, а допрва ќе ѝ се суди.
Уште тогаш полицијата изјави дека причина за несреќата е лошото планирање на летот.