Зошто кожата на вратот, деколтето и рацете е склона кон побрзо стареење

И покрај фактот дека рацете, вратот и деколтето се најочигледните показатели за возраста, многумина не им посветуваат доволно внимание.

Структурата на кожата значително варира во зависност од делот на телото. Исто така, одредени делови од телото се поподложни на дејството на гравитацијата, а движењата можат да создадат „механички“ брчки. За среќа, постојат бројни превентивни методи, како и третмани кои ја штитат и регенерираат кожата. Ајде да одиме по ред.

ВРАТ

Зошто старее?

Кожата во овој дел е многу подложна на опуштање и губење на еластичноста бидејќи е потенка и содржи помалку колаген и еластин отколку кај другите делови од телото. Покрај тоа, има помалку лојни жлезди во кожата на вратот, а поради честите движења на главата и влијанието на гравитацијата, ризикот од брчки е многу поизразен.

Пушењето, исто така, значително го забрзува процесот на стареење. Чадот од цигарите ги уништува ензимите кои играат клучна улога во производството на колаген. Тие исто така го намалуваат протокот на крв во кожата, со што се намалува моќта на регенерација.

Што помага?

Поради дејството на гравитационата сила, мускулите на вратот се истегнуваат со текот на времето. Меѓутоа, со редовно вежбање, тие можат да се зајакнат, што ќе го подобри тонусот на кожата.

ДЕКОЛТЕ

Зошто старее?

Долниот дел од вратот и деколтето најчесто се изложени на штетните ефекти на УВ-зраците, што е една од главните причини за видливите оштетувања на кожата. Покрај тоа, кожата во овој дел содржи неколку лојни жлезди, па затоа е поподложна на сушење и брчки. Како и кај вратот, и овде кожата е многу потенка, а под неа нема многу мускули или масно ткиво, па брчките брзо се продлабочуваат.

Тежината на градите, во комбинација со намаленото производство на колаген, резултира со опуштеност на кожата. Покрај тоа, многу жени нанесуваат парфем на деколтето, што може да предизвика појава на трајна диспегментација на кожата. Алкохолот кој го содржи парфемот го отстранува заштитниот, горниот мрсен слој на кожата, предизвикувајќи затегнување и црвенило. Наместо тоа, нанесувајте го парфемот во внатрешноста на зглобовите и зад ушите.

Што помага?

Пилингот со благо дејство ќе го отстрани површинскиот слој на клетките и ќе овозможи производите за нега да навлезат во подлабоките слоеви на кожата. Секогаш користете производ со заштитен фактор.

Во случаи на големо оштетување на кожата, третманот со интензивна импулсна светлина (IPL) може да помогне. За отстранување на дистигментацијата и фините брчки, се препорачува хемиски пилинг и нега со специјално формулирани препарати.

РАЦЕ

Зошто старее?

Рацете (т.е. грбот) се најподложни на штетните ефекти на УВ-зраци, бидејќи се и најизложени на сонце. Затоа не е чудно што на нив се манифестираат првите знаци на стареење. Меѓутоа, оштетувањето од сонце не мора веднаш да биде видливо, туку кожата постепено ќе се разредува и опушта и ќе изгледа како да ѝ треба затегнување (последица на раздвојувањето на горниот и долниот слој).

Со текот на години, поради малата количина на масно ткиво, коските и вените ќе станат повидливи. Перењето садови, рачното перење облека и чистењето на куќата без ракавици ја суши кожата на рацете, што може да резултира со појава на воспаление (дерамтитис), па дури и егзема.

Што помага?

Во текот на денот, често мачкајте ги рацете со крема којашто содржи СПФ и антиоксиданси. Исто така, кремата треба да содржи супстанции за избелување на кожата, што ќе спречи појава на старечки дамки.

Експертите препорачуваат и редовен пилинг, кој ги отстранува мртвите клетки и овозможува активните состојки да навлезат во подлабоките слоеви на кожата.

Scroll to Top