Американскиот режисер Квентин Тарантино ја доби наградата за животно дело на Филмскиот фестивал во Рим. Наградата му ја додели италијанскиот режисер на хорор-филмови, Дарио Арџенто, познат по неговите филмови „Суспирија“ и „Длабоко црвено“.
„Тоа што сум и по 30 години тука во Рим и ја добивам оваа награда за животно дело, е нешто посебно“, рече Тарантино.
Тој на свеченоста присуствуваше заедно со неговата сопруга. Во својата 30-годишна кариера има напишано и режирано девет хитови, меѓу кои „Џеки Браун“, „Уличи кучиња“ и „Си беше еднаш во Холивуд“. Тој направи револуција во начинот на снимање филмови.
Беше награден и со два Оскари за најдобро оригинално сценарио за „Евтини приказни“ во 1995 година и „Џанго без окови“ во 2013 година.
Фестивалот во италијанската престолнина беше отворен на 14 октомври со „Очите на Тами Феј“ и ќе трае до 24 октомври. Во сабота награда за животно дело ќе добие и режисерот Тим Бартон.
Официјалната селекција на фестивалот вклучува 23 филма од различни жанрови и различни облици на изразување. Учествуваат 23 земји, меѓу кои Саудиска Арабија, Доминиканската Република и Косово. Фестивалот ќе ја затвори својата програма со филмот „Вечна“ на оскаровката Клои Жао.