Четиригодишната Умејра ја победи леукемијата и си замина од Детската клиника во Скопје. Таа заѕвони на победничкото ѕвонче исто како што прават сите деца што го победиле ракот и си заминале дома. Пред Клиниката Умејра ја пречекаа татко ѝ, браќата и нејзината сестра близначка, Унејса.
Умејра боледувала од леукемија, која ѝ била дијагностицирана на почетокот на годината. Мајка ѝ Несрин за „ТВ21“ вели дека битката против болеста била тешка, но дека тие не се предале. Во борбата со ракот имале голема помош од медицинскиот персонал на Клиниката, но и од роднините.
„На два месеца пред да наполни четири години, на Умејра ѝ беше дијагностицирана акутна леукемија. Тоа се случи на 17 јануари годинава. Моментот кога лекарите ни ја соопштија веста, за мене беше многу тежок, за мене како мајка и за целото семејство. Фала му на Господ досега сѐ помина добро“, вели таа.
Умејра уште одреден период ќе продолжи да прима терапија и да ги прави потребните прегледи за да бидат сигурни дека болеста не се вратила.
„Сите родители чии деца боледуваат од оваа болест треба да имаат храброст и многу трпение“, вели Несрин.