По 18 дена потрага, пронајдена е четиригодишната Клео Смит, по која трагаше цела Австралија. Таа била пронајдена во западниот дел на земјата заклучена во една куќа. Кога ја нашле, таа била здрава и жива, велат од полицијата.
Клео исчезна од семејниот шатор во камп во населбата во близина на градот Карнаворн на 16 октомври и оттогаш по неа е покрената потрага, пренесува „Би-би-си“. Човекот за кого се верува дека ја киднапирал е притворен и испрашуван од детективи.
Властите соопштија дека тој немал никаква врска со семејството Смит и засега не се подигнати никакви обвиненија. Полицијата ја пронашла Клео во средата во Карнарвон во раните утрински часови. Тие успеале да дојдат до неа благодарение на форензичките траги.
„Тие ја најдоа Клео во една од собите“, рече заменик комесарот Кол Бланч од полицијата на западна Австралија. Еден од полицајците ја земал во прегратка и ја прашал како се вика, а таа му одговорила Клео, стои во соопштението до јавноста.
Кога ја нашле веднаш и било пружена медицинска помош и била вратена кај родителите. Куќата во која била пронајдена е оддалечена околу шест минути возење од нејзината семејна куќа во Карнарвон, место со околу 5000 жители.
Австралискиот премиер Скот Морисон напишал на „Твитер“ дека тоа претставувало олеснителни вести. Родителите на Клеа првата ноќ од својот одмор кога таа исчезнала го поминале во камп. Тие приметиле дека ја нема меѓу 1:30 и 06:00 утрото на 16 октомври.
Таа претходно спиела на воздушен душек покрај креветот на нејзината помлада сестра. Кога нејзината мајка, која спиела во другата соба во шаторот, утрото станала, забележала дека неа ја нема, а дека вратата од шаторот била отворена.
Полицијата соопштила дека тоа предизвикало голем страв кај нејзиното семејство. Мајката на девојчето останала на ставот дека Клео не можела самата да го напушти шаторот.
Оперативната група од 100 полицајци била испратена од главниот град на државата да се приклучи во потрагата од воздух, копно и море. Извидувачки авиони биле користени за прочешлување на ретко населените места.
Властите понудиле и награда од милион австралиски долари, околу 750.000 долари за било каква информација. Случајот привлече и големо меѓународно внимание.
Заменик комесарот Бланш рече дека биле пречешлани илјадници информации, барајќи игла во купче сено.
„Доцна синоќа ја пронајдовме таа игла која не доведе до адресата и ја спасивме Клео“, рече Бланш за „Нетворк Севен“.
„АБЦ Њуз“ извести дека соседите неодамна забележале човек кој живеел во куќата како купува пелени.
„Не знаевме за кого ги купува“, рече еден од нив.
Веста дека Клео била пронајдена, предизвика големо олеснување во целата локална заедница. Оддалеченото место во Меклеод е околу 900 километри оддалечено од главниот град на државата Перт и претставува локална атракција на државниот Корален брег, познат по ветровитиот океански пејсаж, морските пештери и лагуни.