Од Обединетите нации му одговорија на Илон Маск како со 6,6 милијарди долари може да се нахранат гладните во светот. Овој одговор следуваше откако Маск побара програма во која ќе му се наведе точно како со дел од неговото богатство може да се решат проблемите со светскиот глад.
„Ако Светската програма за храна отворено ми опише како шест милијарди долари може да го решат проблемот со гладот во светот, јас веднаш ќе ги продадам моите акции во ‘Тесла‘. Но, сè мора да биде јавно за да види јавноста како точно се трошат парите“, напиша тогаш Маск на „Твитер“.
Сега директорот на Светскиот фонд за храна на Обединетите нации, Дејвид Бизли, му го претстави планот и објави линк до неговото извршно резиме од 1.000 збора.
Тој објасни дека ОН би можеле да ги распределат храната и ваучерите во вредност од 6,6 милијарди долари за да се нахранат повеќе од 40 милиони луѓе во 43 држави, кои се на работ на глад, со што би се спречила катастрофата што се наѕира.
„Светот гори. Побаравте јасен план и чисти сметки и еве ви ги. Подготвени сме да разговараме со вас, но и со сите други што сериозно сакаат да спасат животи“, вели Бизли.
Маск досега не одговорил на планот на Бизли.