Концертот на Тони Цетински е откажан во Задар затоа што пејачот не се согласил да се бараат од граѓаните ковид потврди. Од Туристичката заедница во градот Задар, соопштија дека поради неговите изјави во медиумите за ковид пропусниците, концертот нема да се одржи.
„Иако божиќниот концерт беше договорен од компанијата која ја застапува Цетински, а кој требаше да се одржи на 22 декември и за кој веруваме дека ќе се одржеше доколку работите беа нормални, за жал истиот нема да се случи. Пејачот во медиумите кажа некои работи кои се во контрадикција со превземените обврски на организаторот, а кои се однесуваат на пропишаните мерки во врска со пандемијата на коронавирусот“, стои во соопштението.
Тие објаснија дека концертот е откажан поради неодамнешните негови изјави, дека нема да настапи ако на влезот се бараат Ковид потврди.
„Желба ни е на нашите сограѓани да им овозможиме радосни соодветни содржини и сигурни сме дека ќе успееме во тоа, но, прво мораме да ги зачуваме и испочитуваме здравјето и безбедноста на секој од нас. Секој има право на свое мислење и став кој треба да се почитува, но во одреден систем, за сеите предизвикани и сложени ситуации, мораме да се држиме до пропишани мерки од страна на Националниот штаб“, велат од туристичката заедница на градот.
Организаторите му се заблагодарија на Цетински за соработката и рекоа дека место Цетински ќе биде ангажиран некој друг пејач. Тие додадоа дека се надеваат дека епидемиолошката состојба ќе се подобри и дека Цетински сепак ќе може да настапува во Задар.
Цетински на „Фејсбук“ им се извини на сите и рече дека тој не сакал да ја дели публиката.
„Се извинувам на сите граѓани на Задар поради новонастанатата ситуација во која дојдовме поради мерките кои се на сила. Никако не сакам да ја делам мојата публика на вакцинирани и невакцинирани, ниту на било кој друг начин. Би сакал концерт без поделби. Само љубов за сите. Се надевам дека наскоро ќе одржам концерт на кој ќе можат да дојдат сите без поделби“, рече Цетински.