Малта прва ќе ја легализира марихуаната во Европа

Малта ќе стане првата држава во Европа што ќе го легализира одгледувањето и поседувањето марихуана за лични потреби. Земјата ќе ја легализира марихуаната оваа недела. Според законот, секој над 18 години ќе може да поседува најмногу седум грама, а во домашни услови ќе смеат да се одгледуваат до четири стебла марихуана и да се чуваат до 50 грама сушен производ.

„Парламентот ќе гласа за законот, по што ќе го потпише претседателот и до викендот ќе може да стапи на сила“, изјави министерот за истражување и иновации Овен Боничи.

Потегот на Малта е најава на големите реформи во Европа во однос на легализирањето на марихуаната. Новата германска влада веќе најави дека ќе воспостави законски регулиран пазар на марихуаната, Италија ќе одржи референдум, а Холандија конечно планира да го уреди производството.

„Не сакаме да ја охрабриме рекреативната употреба на дроги, но нема докази дека консумирањето марихуана води кон користење потешки супстанци“, додаде Боничи.

Поседувањето до 28 грама марихуана ќе се казнува со 50 до 100 евра, но на лицето нема да му се отвори полициско досие. Малолетниците фатени со марихуана ќе одат пред комисија.

Scroll to Top