На 35 години почина хирургот Симон Василев од Штип

Вчера по кратко боледување, на 35 години, почина доктор Симон Василев од Штип.

Тој дипломираше на Медицинскиот факултет во Стара Загора, Бугарија, а работеше како општ хирург во Клиничка болница Штип. Моментално посетуваше специјалистички студии во Македонија, за да се стекне со титулата доктор специјалист.

„Доктор Симон Василев беше ценет и почитуван другар, пријател, роднина, подготвен секогаш и на секого да помогне во најразлични ситуации. Градот Штип и лекарската фела изгуби исклучително значајна личност во својата професија и ги задолжи своите колеги да продолжат по неговиот професионален пат. Неговиот лик и неговото дело засекогаш ќе бидат запаметени од неговите сограѓани“, објави телевизија М-нет.

Штипјани со емотивни посвети се простуваат од младиот лекар.

„Познавам многу луѓе во градот, но од срце ви велам дека во животот не сум сретнал подобар и поскромен човек од Симон. Со секого ќе застанеше на улица да направи два-три реда муабет“ е еден од коментарите на „Фејсбук“.

Василев беше оженет и татко на две малолетни деца.

Scroll to Top