Крадци му го украле џипот на поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, пренесуваат медиумите. Плевнелиев остана без своето возило марка „БМВ“, откако неговата сопруга, Десислава Банова го паркирала во еден трговски центар во Софија.
„Во саботата околу 16 часот се паркирав на ниво – 1. Кружев долго време затоа што не можев да најдам место за паркирање. Кога најдов излегов и го заклучив автомобилот. Имам опција да го заклучам автоматски откако ќе излезам од него. Сигурна сум дека го слушнав сигналот. Сепак, јас зборував на телефон, па може и да ми се причинило. Кога стигнав до влезната врата еден човек со огромен ранец на грбот ме турна. Имав слушнато за таква шема што ја прават арамиите. Веднаш ми стана сомнителен затоа што кога влегов во трговскиот центар повеќе не го видов“, рече Банова за Нова ТВ.
Банова објасни дека лицето кое се турнало во неа, го пресретнал сигналот на нејзиниот клуч со уредот во неговиот ранец, додека друго лице стоел до нејзиниот џип и без проблем може да влезе.
„Уште од првата минута кога дознав дека ми го нема џипот се јавив на 112 и ги известив служибте за кражбата“, рече Плевнелиев.
Кражбата е снимена од безбедносните камери лоцирани на паркингот. Крадците се толку искусни и имаат висококвалитетна опрема што за неколку минути успеваат да го пригушат сигналот од ГПС системот за следење на автомобилот.
Последната точка каде што Банова го видела својот автомобил бил на обиколницата, во близина на Горубијане. Овој трговскиот центар е место каде крадците се доста активни.
Бариерите на паркингот се секогаш дигнати, а оттаму се излегува на обиколницата, каде што нема семафори и лесно може да се избега.
„Ова е веќе 4 пат како се случува да ни украдат автомобил и крадците да минат неказнето. Веројатно е дека станува збор за истата криминална група“, рече Банова.
Бугарското МВР и Обвинителството соопштија дека е во тек истрага. Само за еден месец од паркингот на истиот трговски центар украдени се уште 3 автомобили.