Најголемиот српски научник и еден од најголемите гении во светот, Никола Тесла, почина на Божиќ, 7 јануари, пред 79 години. Тесла имаше 87 години, а умрел осамен во хотелска соба во Њујорк, каде што го поминал последниот период од животот.
Зад себе остави стотици патенти и пронајдоци кои му донесоа слава, но не и богатство, па животот го заврши во сиромаштија и огромни долгови. Но, него никогаш не го интересирале парите.
Во дводневната поворка кон погребната сала на авенијата Медисон присуствувале државници, јавни личности, нобеловци, но и стотици обични, мали луѓе кои се восхитувале на генијалецот чии откритија им го олеснија животот. Над 2000 луѓе вкупно присуствувале на неговиот погреб.
По тој повод, градоначалникот на Њујорк, Фиорел Ла Гвардија, одржал комеморација на Никола Тесла на 10 јануари 1943 година.
„Никола Тесла умре. Умре сиромашен, но беше еден од најкорисните луѓе кои некогаш живееле. Она што го создал е одлично и како што одминува времето станува уште поголемо”, се зборовите со кои Ла Гвардија го опиша Тесла.
Радио Њујорк вршел директен пренос на комеморацијата, додека сите водечки весници објавиле написи за „заминувањето на генијот“.
Богослужбата се одржала на 10 јануари во Соборниот храм Св. Јован Богослов во Менхетен. Ковчегот бил покриен со американско и југословенско знаме. На барање на Тесла, тој бил придружуван со музика. Побарал да му се отсвири композицијата на Шуберт „Аве Марија“ и на крај „Тамо далеко“. Тоа може да се забележи и на звучната снимка која до ден-денес е зачувана во њујоршката архива.
Српската песна „Тамо далеко“ ја отсвирил пријателот на Тесла, виолинистот Златко Балаковиќ во придружба на хорот „Слован“. По ова телото било кремирано.