На осум поштенски марки ќе го има фронтменот Мик Џегер, гитаристите Кит Ричардс и Рони Вуд и починатиот тапанар Чарли Вотс, кој почина лани на 80 години. Фотографиите се направени на концерти во различни делови на светот, почнувајќи од лондонскиот Хајд Парк во јули 1969 година сè до Ист Радерфорд во Њу Џерси во август 2019 година. Додека на преостанатите четири ќе има две слики од сите членови на бендот заедно и два постера од нивните светски турнеи.

„Малку бендови во рок-историјата успеаја да создадат толку богата и обемна кариера како Ролинг Стоунс. Тие ги создадоа некои од најголемите и најинспиративните албуми во модерната музика, а нивните настапи во живо може да се наречат револуционерни“, изјави Дејвид Голд, директор за односи со јавноста на Кралската пошта.

Ролинг Стоунс се основани во 1962 година и важат за еден од најуспешните и најдолговечните рок-бендови во светот, со продадени преку 240 милиони плочи ширум светот и освоени бројни награди, меѓу кои и три Греми. Меѓу нивните најпознатите хитови се (I Can’t Get No) Satisfaction и Sympathy for the Devil, кои го одбележаа врвот на нивните кариери во1960-тите и 1970-тите.

Тие се четвртата британска музичка група во чија чест Кралската пошта издала специјални поштенски марки. Пред нив добија и Битлси, Пинк Флојд и Квин.