Поранешната светска шампионка во шах го тужи Нетфликс за клевета во „Дамски гамбит“

Поранешната светска шампионка во шах, Нона Гаприндашвили, ја тужи стриминг платформата Нетфилкс за клевета во нивната хит серија „Дамски гамбит“. Нетфликс побара од судот во Калифорнија да ја отфрли тужбата, но судијата одлучи да не го направи тоа и да почне судење во кое адвокатите на Нетфликс ќе треба во судница да докажат дека една од најдобрите шахисти во историјата не била наклеветена во серијата.

Гаприндашвили го тужи Нетфликс бидејќи во популарната серија се споменува нејзиното име и се вели дека таа никогаш не играла шах против мажи, иако многу лесно може да се најдат податоци дека до 1968 година, на која се однесува серијата, Нона играла против дури 59 шахисти.

Нејзините адвокати во тужбата навеле дека креаторите на серијата на тој начин ја „извалкале нејзината лична и професионална репутација“, а тврдењето дека таа не играла против мажи го оквалификувале како „сексистичка и омаловажувачка“, пишува  „Варајети“.

Нетфликс побара од судот да ја отфрли тужбата, тврдејќи дека првиот амандман им дава на креаторите широка уметничка слобода, а тие изјавија дека „ниту еден разумен гледач не би го сфатил спорното тврдење како да претставува факт“, бидејќи е очигледно дека се работи за измислени ликови. Адвокатите процениле и дека милиони гледачи ќе мора добро да го познаваат советскиот шах од 1960-тите за да сфатат дека тоа е наводна клевета.

Судијката Вирџинија Филипс не се согласи со тоа и заклучи дека Гаприндашвили има доста убедливи аргументи дека била клеветена, како и дека делата со фиктивни ликови не се ослободуваат од обвиненијата за клевета, доколку во нив се омаловажуваат вистинските луѓе.

„Фактот дека серијата е за измислени ликови не го ослободува Нетфликс од одговорност за клевета, доколку се присутни сите елементи на клеветата“, заклучила Филипс.

За потсетување, „Дамски гамбит“ беше меѓу десетте најгледани серии на Нетфликс во 2021 година.

Scroll to Top