Македонската iGaming-компанија продолжува да го зголемува своето пазарно присуство.
По остварување на главните цели во 2021, кои вклучуваа консолидација и зголемување на пазарното присуство во светски рамки, еден од водечките провајдери на софтвер за спортско обложување, македонскиот BtoBet, ја почнува 2022 со зголемен фокус на својата стратегија за раст како на зрелиот европски пазар така и на пазарите во развој, каков што е бразилскиот.
За зацврстување на постојните позиции на старите, но и успешно позиционирање на новите пазари, неопходен е квалитетен и соодветно приспособен производ, а според оперативниот извршен директор на BtoBet, Дима Ридерман, токму географската експанзија на компанијата е она што директно влијае врз правецот во кој се развиваат производите што BtoBet ги нуди.
„Преференциите на играчите за обложување се разликуваат од пазар до пазар. Она што се бара на клучните пазари за нас, како Африка и Латинска Америка, значително се разликува од она што е неопходно за влез во Обединетото Кралство. Токму ова е почетна точка за развивање на нашата понуда за секој од пазарите, со цел да ги задоволиме разните побарувања и вкусови на играчите“, вели Ридерман.
Добар пример за потребата од приспособување на производите што BtoBet ги нуди, инаку базирани на напредна технологија, се трките со коњи, кои иако задолжителни за пазарот во Обединетото Кралство, не претставуваат одлучувачки фактор за влез на латиноамериканскиот и на африканскиот пазар. Ова важи и за е-спортот, кој како производ за широка потрошувачка во iGaming-индустријата е задолжителен за некои пазари, но не е предуслов за влез на други.
„Еволуцијата на портфолиото на BtoBet според она што пазарот го бара, како и агилноста во модификациите на деловите со кои играчите се во постојана интеракција на начин кој е сосема приспособен на нивните потреби, се резултат на посветената работа на експертскиот тим задолжен за раст и развој на продуктите, кој во 2021 го зголемивме повеќе од 40 %“, рече тој.
Минатата година компанијата забележа значителен раст во поглед на кадарот, а според Ридерман, напредокот што го бележат се должи на инвестирањето во човечките ресурси и регрутирањето искусни луѓе што ја разбираат индустријата во целост и имаат експертиза, особено во поглед на тоа како функционираат големите пазари што се примарна фокусна точка на BtoBet и во 2022.