Во зафрлена пустина во Јордан, археолозите открија локалитет од каменото доба, кој покажува дека луѓето се собирале и ловеле газели многу порано одошто се мислеше. Се претпоставува дека локалитетот потекнува од 7000 година пред нашата ера.
„Ова е уникатен локалитет, каде што голем број газели биле ловени во сложени ритуали. На светот нема слично место кое потекнува од каменото доба“, вели Ваел Абу Азизех од францускиот археолошки тим.
Тимот кој вклучува француски и јордански експерти пронајде и 250 артефакти, вклучувајќи и животински фигурини за кои веруваат дека биле користени во ритуали за да се повикаат натприродни сили за успешен лов. Овие предмети се некои од најстарите уметнички дела пронајдени на Блискиот Исток досега. Освен тоа, експертите пронајдоа и ѕидови долги неколку километри кои биле користени за заробување газели во ограничен простор, за да може полесно да се ловат. Иако такви структури има и на други места во југозападна Азија, се претпоставува дека овие се најстари и најдобро зачувани.