Кубанските боксери ќе можат слободно да се натпреваруваат на професионално ниво, првпат од 1962 година, објави ESPN. Националната боксерска федерација ја укина 60-годишната забрана што постоеше во земјата откако постигна договор со организаторот на „Голден ринг“, промотивно шоу што ќе се одржи на 20 мај во Мексико.
Во шоуто се очекува да учествуваат олимписките шампиони од Токио, Хулио Сезар Ла Круз, Арлен Лопез, Рониел Иглесијас и Енди Круз.
Поранешниот кубански претседател Фидел Кастро, во 1962 година донесе забрана за професионален спорт во земјата. И покрај оваа забрана, во Куба се создадоа добри услови за развој на спортот, а еден од најпознатите е боксот. Кубанските боксери и тренери се сметаат за меѓу најдобрите во светот.