Тројца осомничени за убиство на ракометарот Денис Тот, двајца во притвор, едниот во бегство

Хрватскиот ракометар Денис Тот (28), вчера почина на Ургентниот центар во Скопје. Обдукцијата на телото покажа дека тој починал како резултат на насилна смрт пред ноќниот клуб „Привилиџ“ во Градскиот парк.

„Денес во утринските часови на Институтот за судска медицина и геонтологија беше извршена обдукција врз починатото лице и според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари. Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор“, соопшти Обвинителството.

Според истрагата на обвинителството, тој бил удиран со боксови и клоци, од страна на двајца мажи на возраст од 28 и 22 години и 19 годишна девојка, по претходна вербална расправија. По првичните удари, за сега починатиот ракометар, фатален бил падот на асфалтот, каде удрил со задниот дел од главата и загубил свест. Тројцата, иако тој бил во бессознание продлжиле да го удираат, а потоа без да му помогнат побегнале.

„Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал.“ – велат од Обвинителството.

Сите тројца осомничени се од Скопје и се теретат за убиство. Двајцата од нив се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис.

„Извршен е претрес во домот на лицето А.Ѓ. кој е недостапен на органите на прогонот и со потврда за привремено одземени предмети одземени се предмети што ќе бидат доставени на вештачење во Одделот за криминалистичка техника при МВР. По лицето А.Ѓ. (28) од Скопје е распишан централен распис.“ – велат од Министерството..

За оваа трагедија полицијата извршила рапсит на повеќе лица, а како доказ се обезбедени и снимки од видео надзорот на Safe City и ноќниот клуб.

Тот почина вчера на КАРИЛ, а насилството се случи во четвртокот утрината во 3 часот и 30 минути.

 

 

Scroll to Top