Холивудскиот актер Џони Деп сведочеше против неговата поранешна сопруга Амбер Херд. Тој во судот рече дека имало расправии, но дека никогаш не ја удрил. Актерот објасни дека никогаш во животот не удрил друга жена.
„Имаше расправии и слични работи, но никогаш во животот не ја удрив госпоѓа Херд, ниту пак во животот сум удрил некоја жена“, рече Деп за време на сведочењето вчера.
Тој збореше и за почетоците кога беше со Амбер.
„На почетокот сè беше колку што се сеќавам предобро за да биде вистинито. Беше внимателна, нежна, паметна, забавна и полна со разбирање. Во мојата глава таа беше совршена партнерка. Се разбираше многу од блуз музика која ја слушав“, рече Џони и додаде дека таа била драга и слатка личност.
„Потоа работите почнаа да се менуваат. Можеби е подобро да речам дека почна да се покажува вистинската Амбер.
„Неговата адвокатка побара да опише некои од спорните ситуации во односот, а Деп се потсети на незгодата со чизмите. Тој раскажа како Амбер имала некакав рутина во која по снимањето ќе му ставела чаша вино и ќе му ги соблекла чизмите. Една вечер додека разговарала на мобилен, Деп го направил тоа самиот, а таа му прокоментирала дека тоа е нејзина работа.
„Беше многу потресена што ѝ ја променив рутината“, рече Деп.
Тој спомена и дека Амбер му приговарала често околу спиењето.
„Јас слабо спијам. Еднаш и реков дека наместо да лежам во собата и да зјапам само во таванот попрво би гледал телевизија. Тоа за неа не беше прифатливо. Не разбрав зошто. Зошто маж над 50 години не можел да спие кога сака, туку кога сака таа“, рече Деп.
Глумецот сведочеше и за тоа во какви односи бил со нејзиното семејство. Наводно ги имал запознато во неговото студио во Лос Анџелес.
„Беа сосема спротивни еден од друг. Пејџ беше анѓел, веднаш ја засакав и имавме многу убав однос. Нејзиниот татко Дејвид беше сосема спротивност на неа. Беше како каубој од некој цртан“, рече Деп, но и покрај тоа се чувствувал добредојден во нејзиното семејство.
Деп зборуваше и за неговото минато како тој и неговите браќа трпеле вербално и физичко злоставување од неговата мајка. Призна како на 11 години мајка му го натерала да испие таблети за смирување. Деп рече дека ги земал само за да се смири, а не за забава.
„Не сум манијак кој треба да биде пијан или дрогиран цело време“, рече Деп и напомена дека имало и други периоди кога бил целосно трезен.
За потсетување, судскиот процес почна минатата недела, а за Деп ова беше првата можност да зборува јавно. Глумецот ја тужи бившата поради нејзиниот текст во „Вашингтон Пост“ објавен во 2018 година во кој открила за семејното насилство кое го трпела од Деп.