„Мајските оперски вечери“ оваа година обележуваат 50 години постоење. Од 9 до 31 мај во Националната опера и балет ќе се одржи манифестацијата која половина век е двигател на културата во меѓународната сфера.
Со премиера на оперската претстава „Норма“ на Винченцо Белини ќе бидат отворени јубилејните 50-ти „Мајските оперски вечери“. Диригент на претставата е Енрико Довико, а режисер Ренато Бонајуто од Италија.
„Изминатите педесет години фестивалските програми ги содржат најатрактивните дела од европската музичка литература (оперите „Травијата“, „Аида“, „Кармен“, „Севилскиот бербер“, „Кавалерија рустикана“ и др., како и балетските ремек-дела „Лебедово езеро“, „Жизел“, „Дон Кихот“…), задоволувајќи им го со тоа вкусот и на најрафинираните почитувачи на оперската и балетската уметност. Повеќето од нив со години присутни на редовниот репертоар на националната куќа и на публиката ѝ се мошне омилени, а застапени се и ретко изведувани и помалку познати наслови, кои заедно креираат богат корпус, разновиден од аспект на стилските особености, жанровската определба и авторската инвентивност“, велат од Националната опера и балет.
На репертоарот оваа година ќе се најде балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, „Жизел“, оперите „Лучија од Ламермур“, „Турандот“, „Аида“.