Глумецот Џони Деп, кој деновиве е на суд со поранешната сопруга Амбер Херд, на едно од сослушувањата зборуваше и за филмовите „Пиратите од Карибите“, каде што го глумеше главниот лик, капетанот Џек Спероу. Тој вели дека никогаш во животот не гледал ниеден дел од филмовите.
„Не го гледав филмот, но верувам дека е добар и дека помина добро во кино, оти продуцентите сакаа продолженија, а и јас бев подготвен да продолжам со снимање. Кога го знаете карактерот подобро од писателите, тогаш треба да бидете вистинскиот лик и да додадете свои зборови. Целосно верував во ликот“, рекол Деп на судењето, пренесува „Дејли мејл“.
Тој рекол и дека веќе никогаш нема да глуми во „Пиратите од Карибите“, откако сними пет дела од филмот, а опиша и како го создал ликот на Џек Спероу.
„Дизни ми понуди филм наречен ‘Хидалго’, кој зборува за човек, коњ, пустина. Го прочитав сценариото и мислев дека не е за мене. Но, сакав да имам средба со луѓето оттаму, бидејќи во тоа време имав 3-годишна ќерка и три години само гледав цртани, од Текс Ејвери до Душко Долгоушко. Тоа е сè што гледав со моето девојче. Го добив сценариото за ‘Пиратите’ и некако во мојот ум видов шанса да измешам ликови од цртаните филмови. На пример, камен паѓа врз главата на Којотот и тој е целосно скршен, но во следната сцена има само мал завој на главата. И тогаш почнав да размислувам за параметрите на цртаните ликови кои ми беа достапни. Никој досега не поставил прашање, дали се работи за лице на возраст од 5 или 95 години. Сите велат: „Се разбира, Којотот е сè уште жив“. Се обидов да ги вградам тие идеи во ликот на Џек Спероу. Капетанот Џек Спероу можеше да прави работи што јас никогаш не можев да ги направам. Можеше да каже работи што јас не можев да ги кажам. Сакав да направам лик што би можел да го прифатат луѓе на возраст од 5, 35, 65 или 85 години. Имав различни идеи за ликот, па ги вградив заедно и го оживеав тој лик“, рекол Деп на судењето.