Од МРТ информираат дека по инцидентот кој што се случи за време на официјалната церемонија за отворање на „Евросонг 2022“, кога Андреа Коевска го фрли македонското знаме, детално ги разгледале сите аспекти за евентуално повлекување на нашата претставничка од Евровизија.
„Таквиот чекор во момент кога сите рокови за повлекување се поминати би предизвикал голема финансиска штета и други санкции кои што не се за занемарување. Со откажувањето би се загрозилo и учеството и отстапувањето на телевизиските права на сите други настани кои што Јавниот сервис ги добива како членка на Европската радиодуфузна мрежа“, се наведува во соопштението на МРТ.
Во него се додава дека јавниот сервис ќе ги преземе сите законски решенија и дисциплински мерки по враќањето на нашата делегација од Торино, откако членовите ќе ги поднесат извештаите за случувањата на церемонијата.
„Поради негативниот имиџ во јавноста на проектот ‘Евровизија’ што предизвикува негативен публицитет на МРТ, Уредничкиот колегиум на МРТ ја разгледува можноста од следната година Македонската Радио Телевизија веќе да не учествува на Изборот за песна на Евровизија“, стои во соопштението.