(Видео) Во дуќанот стар скоро 100 години мајстор Мендо нема кому од фамилијата да му го остави берберскиот занает

Мајстор Мендо е бербер во старата скопска чаршија. Иако има 77 години, сеуште важи за еден од најдобрите бербери во Стара чаршија. Занаетот го научил од својот татко. Седумдесет и две години е бербер, а дуќанот каде што сега работи е на истото место од 1963 година со истиот автентичен изглед. Но според мајсторот, дуќанот во чаршијата постои речиси 100 години.

„Јас од мали години го учам овој занает, татко ми беше бербер и дедо ми исто така. Еден помеѓу најстарите е дуќанот на татко ми. Можеби на ова место е и сто години. Јас сум 72 години во овој занает, што значи сум почнал кога сум имал 5 години. Потстрижувам, бричам, ама правам и сунет“,  раскажува мајстор Мендо за Репортер.

 

Додека разговаравме во неговиот дуќан, тука беа и неговите чираци за кои вели ги има четворица на број. Но, за жал, никој од неговото семејство не сака да го учи занаетот. Вели има  внуци но тие студирале и не сакаат да се занимаваат со овој занает. Смета дека младите иднината не ја гледаат во берберскиот занает туку заминуваат во странство.

Мајстор Мендо има постојани клиенти. Старата чаршија и пазарот кој е во близина прави неговата берберница да биде прометна и интересна за туристите.

„Постојано имам клиенти, пазарот е тука, старата турска чаршија, има странци кои поминуваат. Нашите млади сите заминаа во странство. Од постарите муштерии, кој доаѓа, кој починал. Дуќан како дуќан, работиме како услужна дејност, ама добри сме и фала му на Бога добро си поминуваме“, раскажа бербер Мендо.

Заработува колку што доаѓаат муштерии, оти берберницата е услужна дејност и не се прават големи пари, вели тој.

Додека Мајстор Мендо раскажуваше за занаетот во раката постојано ја вртеше бројаницата, облечен во бел мантил како што му доликува на еден бербер. Низ насмевка вели дека потстрижувањата се почести од бричењата, затоа што младите сега користат жилети и сами се бричат. „Има по некој кој доаѓа и за бричење“, додава берберот. Ни откри дека со занатот го прошетал светот. Каде го викале, таму одел. Најчесто, вели Мандо го викале за правење сунети.

„За сунет најчесто патувам. Сум бил секаде, само преку океан не сум бил. Од Шпанија, Германија, Франција, Југославија цела, сум бил и во Малта, Тунис, Турција, Бугарија“, рече Мајстор Мендо.

Основните алатки за овој занает се ножици, магази, чешли, машинки за потстрижување, додека за сунет има посебен алат.

Бидејќи во берберницата доаѓаат различни луѓе, се зборуваат секакви чаршиски муабети, Мајстор Мендо раскажа една анегдота од времето кога тој бил чирак.

Во дуќанот каде што работел дошол муштерија кој сакал да го бричи, но Мајстор Мендо не се нафаќал бидејќи сеуште го немал научено занаетот. На инсистирање на муштеријата, кој се брзал за на свадба, Мендо почнал со бричење. Но поради неговото неискуство, муштеријата на неколку места бил исечен од жилетот, па Мајстор Мендо морал да стави памук. Во еден момент муштеријата му рекол „Мајсторе остави“, па се пошегувал „На оваа страна сега насадивме памук, а на другава ќе садам бостан“.

Габриела Додевска

Scroll to Top