Шварценегер ја обвини Европа дека ја финансира војната во Украина

Глумецот и поранешен гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер ја обвини Европа дека ја финансира војната во Украина, бидејќи продолжува да купува руска нафта.

„Без разлика што мислите за тоа, ние имаме крв на рацете затоа што ја финансираме војната“, рече Шварценегер за време на говорот на климатската конференција „Австриски светски самит“ во Виена.

Според него, руската армија истрелала 1.300 проектили во вредност од 7,7 милијарди евра во првите два месеци од војната во Украина, додека Европа во истиот период на Москва ѝ платила вкупно 44 милијарди евра за нафта и гас.

Тој истакнал дека иако Русија губи опрема, војници, тенкови и авиони, сепак не плаќа за оваа војна.

„Си велат: Европејците ни праќаат пари, тие плаќаат за оваа војна“, рекол актерот.

Шварценегер долго време се бори со загадувањето, па истакна дека војната во Украина е уште една причина да престанат да се користат фосилни горива. Тој порачал дека треба да се направи се за да се елиминира нашата зависност од фосилните горива.

„Мора да бидеме дел од решението, а не дел од проблемот. Неуспехот овде не е опција“, заклучил тој.

Scroll to Top