Македонскиот бенд „Балкан бенд“, синоќа, во ресторанот „Рагуза 360“, го промовира најновиот спот за преработката на песната „А бре, Македонче“. Спотот го режира Даниел Јовески, а аранжери беа Дарко Илиевски и Дејан Момироски.
Популарниот шоумен и глумец Игор Џамбазов беше водител на промоцијата и ги забавуваше гостите, а особено атмосферата се вжешти кога членови од навивачката група „Комити“ излегоа со запалени факли додека се изведуваше песната.
„Ова е најскапиот музички проект што се случил во Македонија во изминатите 10 години. Ова што го гледате и слушате вечерва како финален производ го подготвувавме од 2018 година и пресреќни сме што, конечно, можеме да го споделиме со вас. Се гордееме што ѝ оставаме траен белег на Македонија“, рекоа синоќа момците од „Балкан бенд“.
На промоцијата се појавија голем број познати музички имиња, водители, пејачи и инфлуенсери. Меѓу гостите беа Сузана Гавазова, Александар Тарабунов, Андреј од ДНК и други.
Преработката бргу беше прифатена од публиката. За само неколку часа беше видена од 15.000 фана на „Јутјуб“.