Ламбе Алабаковски по седум години вчера промовираше прва песна, „На чекор од брегот“. Песната во брз ритам ја работеше со Александар Тарабунов, Димитар Андоновски и Зоран Стојковски – Зонде. Ова е првата песна што Ламбе ја објави по долго време, а за „Репортер“ вели дека и во годините кога не беше активен на музичката сцена, снимил неколку други песни кои никогаш не биле објавени.
„Снимањето на песната се случи сосема спонтано и многу ми е мило. Имам снимено песни и кои не се објавени, а кои можеби некогаш ќе ги промовирам. Но, мора да ги пофалам и да им се поклонам до земја на сите артисти од Македонија кои изминатите години работеле на нови проекти“, вели Ламбе во разговорот.
Пејачот не крие дека е револтиран што со години во Македонија повеќе настапи и концерти имаат балканските пејачи, а не домашните.
„Со толку голем увоз на странски изведувачи, само со работа и музика можеме да си ја зачуваме македонската музичка естрада. Имаме квалитетни и врвни музичари, само ни треба обединетост и крај на менаџерските игри“, додава Алабаковски.
Ламбе на 16 јули ќе пее на „Пивофест“ во Прилеп. Претходно тој настапи на „Балкан гала“ во Битола, а пееше и на неколку јавни настани низ Македонија.
А.Ј