Граѓаните на Лесковац почнаа кампања за собирање пари да ѝ платат на Јелена Карлеуша да не пее на овогодишната Роштилијада, откако градоначалникот Горан Цветановиќ- Фараон најави дека таа ќе ја отвори традиционалната манифестација. Настапот ќе чини 20.000 евра.
Движењето за Лесковац покрена иницијатива заедно со граѓаните да собере хонорар и да ѝ понуди на Карлеуша да не пее на манифестацијата која е заштитен знак на Лесковац.
„Покренуваме кампања за пронаоѓање на 20.000 лесковци кои се спремни да дадат по едно, две, три или повеќе евра (до службената такса за настапот, па дури и повеќе, доколку треба) за да се соберат доволно средства за хонорарот што ќе ѝ го понудиме за да не пее во центарот на нашиот град“, пишува во соопштението на движењето.
Додаваат и дека сите собрани пари, доколку Карлеуша одбие да ги земе, во договор со граѓаните ќе бидат исплатени во хуманитарни цели.