Симон Трпчески ќе одржи бесплатни концерти Скопје, Битола и Штип за да го промовира проектот „Македонисимо“

Виртуозот на пијано, маестро Симон Трпчески ја најави македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.

Музичкиот проект на Трпчески светска промоција имаше на престижниот фестивал во Лудвигсбург, Германија пред 5 години.

Тој на 14 септември од 20 часот на платото пред Националната опера и балет ќе има промоција во Скопје, додека следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември.

Трпчески и пријателите ќе го изведат албумот „Македонисимо“ во издание на британската етикета „Лин Рекордс“ со македонската народна музика обработена на оригинален начин  од страна на нашиот композитор, „Панде Шахов“, кој, како што вели Трпчески, со својот посебен музички јазик ја обои на многу поинаков начин, испреплетувајќи со нашата традиционална музика различни музички стилови.

Тимот на „Македонисимо квинтетот“ го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев. Сите 3 изведби, публиката ќе може да ги проследи бесплатно.

Со оваа домашна турнеја ќе се одбележи и 15-годишнината на Здружението за култура и уметност „КултурОп“, чија основна задача е токму поддршката на нашиот пијанист од светски глас.

Симон Трпчески ќе има и светска премиера на оркестарската верзија на „Македонисимо“ во најпознатата музичка сала на светот, виенски „Музикферајн“, сцената на која се одржува традиционалниот новогодишен концерт. „Македонисимо квинтет“ предводен од Трпчески на оваа престижна сцена на 2 март, 2023 година од 20 часот ќе го придружува австрискиот „Тонкунстлер оркестар“, а под палката на нивниот шеф- дидригент, маестро Јутака Садо од Јапонија.

 

Scroll to Top