Дваесет и седумгодишната Кејли Стед од Велс раскажа како на денот на свадбата бившиот ја оставил пред олтарот, но и покрај тоа продолжила да слави со семејството и пријателите.
Со нејзиниот свршеник Калум биле во врска 4 години, а до пред самата церемонија не насетила дека ќе ја остави. Рече дека немало никакви знаци дека ќе побегне и ќе се откаже од венчавката.
„Планиравме меден месец и за минатиот Божиќ ми подари рачно испишан албум со спомени. Ми напиша зошто ме сака. Не знам зошто го направи тоа, но сега веќе не е ни важно“, рекла Кејли.
За венчавката се подготвувала од рано утро, а девериците лошата вест ја дознале од деверот.
„Кога дознав, бев во шок, шминката ми се размачка и не можев да престанам да плачам. Фотографката ме праша зошто и покрај сè не поминам убав ден со семејството и пријателите и тогаш одлучив дека ќе продолжам со венчавката“, вели 27-годишната Кејли.
Ја поправила шминката, ја облекла венчаницата и почнала да слави без младоженецот.
„И деверите и семејството и пријателите, сите останаа до мене. Ми беше важно да го поминам денот со родителите кои се во години. Се плашев дека можеби нема да можат да присуствуваат на мојата венчавка. Танцував со татко ми, а пријателките беа покрај мене“, вели таа.
Иако не се венчала, се фотографирала во венчаницата, танцувала, одржала говор и уживала. Не сакала целиот труд и парите да пропаднат, а по венчавката, нејзините пријателки почнале со кампања на „GoFundMe“ за да ѝ помогнат на невестата да ги покрие трошоците за прославата.