НАСА успешно лансираше вселенско летало кое се судри во астероид. Леталото со име „Дарт“ ноќеска удри во астероидот Диморфос, кој беше уништен на 11 милиони километри од Земјата.
На овој начин НАСА успешно ја заврши мисијата со која сакаше да утврди дали може во иднина да ги уништи или измести од нивните патеки на движење вселенските астероиди или други објекти кои може да претставуваат закана за Земјата.
Судирот беше снимен со камера која испраќаше сигнали од секунда во секунда до самата експлозија. Диморфос беше широк 160 метри и леташе со 22.000 километри на час. Научниците го следеа моментот од Лабораторијата за применета физика на Универзитетот „Џонс Хопкинс“.
Од таму велат дека леталото се судрило на место кое било оддалечено 17 метри од центарот на астероидот. Од НАСА велат дека засега сè уште немаат јасни информации за тоа дали мисијата е целосно успешна и дека ќе знаат во наредните неколку недели.
„Влегуваме во нова ера на човештвото, ера во која потенцијално имаме способност да се заштитиме од нешто како опасен удар на астероид. Никогаш порано не сме имале таква способност“, изјави Лори Глејз, директорката за планетарна наука во НАСА.
Истражувачите ќе го определат успехот врз основа на евентуалните промени во орбитата на Диморфос околу друг астероид наречен Дидимос. Пред судирот, на Диморфос му требале 11 часа и 55 минути за еден круг околу својот партнер.