Музиката од филмот „Прашина“ достапна на светските стриминг-платформи

Саундтрекот на филмот „Прашина“ првпат достапен на дигиталните музички платформи, објавувањето на филмската и театарската музика на Кирил Џајковски започнува со саундтрекот од филмот.

„Пошироката публика конечно ќе добие целосен увид во овој дел од творештвото на еден од нашите најплодни и меѓународно најуспешни современи композитори. Иако е можеби најпознат по неговиот електронски музички проект Djaikovski, со кој настапува на некои од најзначајните светски музички фестивали, Џајковски има и втор, исто толку импозантен опус. Станува збор за музиката што ја компонираше за филмови и театарски претстави на некои од најистакнатите домашни режисери, меѓу кои и Милчо Манчевски, Иво Трајков, Александар Поповски, Дарко Митревски“, соопштуваат од Филтер Лабел.

Албумот со музиката од „Прашина“ од денеска може да се слуша и да се симне од сите дигитални музички сервиси. А паралелно со музичкото издание, објавени се и неколку официјални музички спотови.

„На изданието композиторот вешто се движи низ повеќе жанрови и комбинира класична музика, танго и џез, без притоа да ја наруши конзистентноста на целината. Тоа му овозможува на албумот одлично да функционира и самостојно, надвор од контекстот на филмот за кој е напишан, па така музиката од ова издание веќе си го најде местото и на репертоарот на повеќе интернационални ансамбли“, информираат од Филтер Лабел.

Потврда за популарноста на материјалот од „Прашина“ е вклучувањето на темата “Brothel Tango” во музичко балетскиот перформанс The Waste Land на престижниот холандски колектив Amsterdam Sinfonieta. Во овој проект инспириран од една од најпознатите поетски творби на 20 век, „Пуста земја“ на Т.С. Елиот, композицијата на Џајковски е употребена заедно со дела од Стравински, Лејг, Берг и Најман, а се појавува во еден од највпечатливите моменти на шоуто.

Scroll to Top