Во приватната болница „Рамгар“ во државата Џарканд се родило бебе со отечен стомак во кој се наоѓале осум ембриони, пишува „Њујорк пост“.
Родителите на девојчето биле загрижени дека израстокот всушност може да биде тумор, а првичната дијагноза се чинело дека е точна, дури и поткрепена со томографија. Меѓутоа, откако девојчето било префрлено во Детската болница и истражувачкиот центар, тим предводен од д-р Мохамед Имран открил дека тоа не е вистина. Односно новороденото девојче имало феномен познат како фетус во фетус, а тоа е облик на малформација слична на онаа на споени близнаци. Тоа се случува само еднаш на околу 500.000 родени бебиња, а се случува на самиот почеток на бременоста кога јајце клетката од одредена причина не успева целосно да се подели на два дела, од кои би се развиле два идентични близнаци.
Во случај на фетус во фетус, доминантниот фетус расте додека другите живеат во него. Оние кои се заробени можат да живеат и да растат во стомакот со години како паразити, додека не станат толку големи што не почнат да му штетат на својот домаќин.
Овој случај се смета за уникатен затоа што во стомакот на новороденчето биле пронајдени рекордни осум неразвиени фетуси во абдоменалната празнина, за што лекарите тврдат дека е најголемиот број на ембриони забележани досега. Откако девојчето го држеле 21 ден под опсервација, лекарите успеале да ги извадат сите ембриони, а девојчето добро закрепнува по операцијата.