Во Скопје се одржа Саем за воздухопловство: Сакаме да ги охрабриме младите да ја изберат авијацијата како професија

Денеска на Школка во Градски парк Скопје се одржа вториот Skopje Air Fair во организација на здружението за подобро воздухопловство „Авикон“. На овој едукативен саем се промовираа различни професии од областа на воздухопловството: пилоти, инженери, контролори на летање, кабински екипаж и друго.

На саемот учествуваа голем број организации од областа на воздухопловството, како Агенцијата за цивилно воздухопловство, ТАВ, Воздухопловна Федерација, М-НАВ, спортските аероклубови, Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, Воздухопловната академија од Србија, Европскиот воздухопловен институт од Романија и претставници на Виз Ер од Унгарија.

Познатиот авиопревозник на саемот ја презентираше својата програма за регрутирање и тренинг на нови пилоти.

„Претставници од сите овие институции на најдобар начин на младите ќе им ги претстават можностите за стекнување квалификации ако се решат да работат во некоја област од воздухопловството. Денес сите тие имаат можност директно да се обратат и да разговараат со луѓе кои се веќе дел од воздухопловството и да добијат јасна претстава во која насока би сакале да оди нивната кариера. Бидејќи во нашата земја нема формално образование за многу од воздухопловните професии, ние во ‘Авикон’ веруваме дека на овој начин младите ќе добијат појасна слика ако се одлучат утре да станат и самите воздухопловни професионалци“, рекоа организаторите.

Skopje Air Fair освен за младите е наменет и за сите љубители на воздухопловството кои се заинтересирани за меѓусебна соработка и размена на идеи и знаења од оваа област.

‘Авикон’ е здружение на воздухопловни професионалци и ентузијасти кое е основано 2020 година во Скопје со цел унапредување на воздухопловството кај нас.

Редакција: Репортер

 

Scroll to Top