Ване Цветанов ја носел Дунавка во странство со државни пари, па МВР му поднесе кривична

МВР денеска поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата, Ване Цветанов за злоупотреба на службената положба. Според пријавата, Цветанов ја ангажирал невенчаната сопруга Дунавка Трифуновска и со државни пари оделе на заеднички службени патувања, а вршел и незаконски јавни набавки со што го оштетил државниот буџет за 75.000 евра. 

„Пријавениот ги пречекорил границите на своето службено овластување, постапувајќи спротивно на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и склучил три договори за ангажирање надворешен советник за специјални цели, лицето Д.Т., која била негова невенчана сопруга. Овие договори биле искористени и како основа за заеднички службени патувања во странство, а на лицето Д.Т неосновано и противправно му биле исплатени парични средства во вкупен износ од 1.525 евра“, стои, меѓу другото во пријавата.

Цветанов беше разрешен од функцијата претседател на Совет за унапредување и надзор на ревизијата во март, кога ја вработи жена му, манекенката и поранешна мис на Македонија Дунавка Трифуновска. На оваа функција Цветанов беше скоро три години. Тогаш во разговор за „Репортер“ тој потврди дека ја ангажирал жена му да му помага на работа, оти само неа ѝ верува.

„Опкружен сум со многу непријатели и луѓе од интерес па морав да се потпрам на некого на кого му верувам целосно во овие специфични лицемерни времиња. Сега за сега има потпишано договор за 30 дена. Станува збор за договор за ангажирање на надворешен советник за специјални цели. Нема да зема пари. Нејзината плата е нула денари“, рече тогаш Ване за „Репортер“.

Во меѓувреме, пак, Дунавка рече дека нејзиното име е злоупотребено и дека таа не е личноста што е вработена во институцијата со која што раководеше нејзиниот емотивен партнер.

„Тоа се професионалци во својата област пријавени на официјален оглас . Ова е исценирана конструкција во време кога институцијата гради нова иднина преку имплементација на европските директиви, која што е нотирана и во последните европски извештаи“, рече тогаш Дунавка.

Scroll to Top